Стојаноски: Предложивме законски измени со кои функционерските плати ќе се намалат до 13 илјади денари

Пратеникот информираше дека заштедените средства ќе се пренаменат за здравство, образование и социјала, а намалувањето ќе важи веќе со исплатата на февруарската плата

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Фејсбук

Платите на избраните и именуваните функционери ќе се намалат за 10 до 13 илјади денари, а кај дел од позициите и повеќе, со цел поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови во државата, изјави денеска пратеникот од ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој информира дека нивната пратеничка група поднела пакет од предлог измени на шест закони со кои тоа ќе се постигне.

-Како група пратеници во Собранието, официјално поднесовме пакет на предлог-измени на шест закони со кои го регулираме прашањето на платите на избраните и именуваните лица во државата. Основната цел на овие измени е воспоставување на поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата, истакна Стојаноски.

Тој информира дека група пратеници поднеле пакет од шест закони кои ги опфаќаат платите на пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет, како и градоначалниците.

-Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите, со што се обезбедува рационално користење на средствата од буџетот, рече тој, нагласувајќи дека измените се целосно во согласност со Уставот.

Според предложените измени се предвидува платите на пратениците и функционерите во извршната власт да се намалуваат преку пониски коефициенти. Кај судиите и обвинителите се врши усогласување со економските можности, а за градоначалниците се воведува нова скала според бројот на жители.

Стојаноски информираше дека заштедените средства ќе се пренаменат за здравство, образование и социјала, а намалувањето ќе важи веќе со исплатата на февруарската плата.

Пратеникот најави дека утре ќе биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа потребата од донесување на законите. Појасни дека со дадениот рок од Деловникот од шест часа веднаш ќе бидат закажани законите и потоа ќе бидат вратени на пленарната седница и уште утре ќе бидат изгласани.