Стојаноски: СДСМ и ДУИ здружено гласаа против „Безбеден град“

„Пратениците на Венко Филипче и Али Ахмети се здружија против безбедноста и животите на граѓаните во сообраќајот“, обвини пратеникот

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ги обвини СДСМ и ДУИ за, како што рече, деструктивно однесување при усвојувањето на измените на Законот за прекршоци, со кои официјално започнува функционирањето на системот „Безбеден град“.

Стојаноски оцени дека јавноста и пратениците во Собранието биле сведоци на здружено дејствување на СДСМ и ДУИ против законски измени кои, според него, директно ја унапредуваат безбедноста во сообраќајот и ги штитат животите на граѓаните. Тој посочи дека пратениците на Венко Филипче и Али Ахмети и во опозиција продолжуваат да настапуваат заеднички, овојпат, како што рече, спротивно на јавниот интерес.

Според Стојаноски, наместо да ги надминат партиските калкулации и да поддржат решение кое носи конкретни придобивки за граѓаните, СДСМ и ДУИ одлучиле да не го поддржат законот, наведувајќи различни забелешки и сомнежи за можни злоупотреби на податоците. Тој во таа насока го постави прашањето што овие партии презеле во изминатите седум години додека биле заедно на власт, доколку сметале дека ваквиот систем е проблематичен.

Стојаноски директно го посочи и поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, прашувајќи зошто во неговиот мандат не биле преземени конкретни чекори за унапредување на сообраќајната безбедност.

Како аргумент за ефикасноста на „Безбеден град“, пратеникот се повика на статистичките податоци, според кои првиот ден од тестирањето биле регистрирани околу 110 илјади сообраќајни прекршоци, додека само 24 часа подоцна бројката се намалила на околу 50 илјади. Тој истакна дека тоа, според него, е јасен показател за превентивниот ефект на системот.