Стојаноски: Сегашните зголемувања на платите се многу поголеми од тоа што го бараше ССМ кога ние бевме опозиција

„Ако тогаш барањето беше линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен во јавниот сектор, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот“, прашува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
55 прегледи

Денешната блокада нема да ја спречи Владата да продолжи со заложбата за раст на платите. Напротив, ние ќе продолжиме да работиме на поголем економски раст од досегашниот кој ќе овозможи зголемување на сите плати во државата, а не само на минималната, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, од страна на раководството на ССМ нема ниту еден нов договор со кој тие самостојно избориле зголемување. Вели дека нема ниту една конкретна победа издејствувана преку преговори и смета дека работниците заслужуваат синдикален лидер кој ќе седи на маса и ќе договара проценти, рокови и гаранции.

„Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера преку конфронтација во име на трудот на работниците. Да бидам јасен: Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со Владата како посредник. Решението мора да биде одржливо за сите инволвирани, за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост. Популизам со говори е лесен. Потпишан договор што важи четири години значи сериозен пристап, предвидливост и одговорност кон сите чинители. Владата како работодавач ќе продолжи со системски зголемувања на платите, но и почитување на склучените колективни договори“, рече Стојаноски.

Тој вели дека ССМ ги напаѓа дека кога биле опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го поддржувала Синдикатот на протестите, а сега наводно тоа не било случај.

„Точно е, кога тие протестираа од 2020 до 2024 година, ние излеговме пред Собранието, пред Министерството за финансии, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Како што можете да видите на фотографиите, остварувавме бројни средби и кога бевме во опозиција, а особено тие средби се интензивираа откако ја преземавме власта. Ги поддржувавме и заедно спречивме многу штетни политики кои сакаше да ги имплементира тогашната власт. Го критикувавме тогашниот криминален систем на СДС и ДУИ, затоа што не ги почитуваше колективните договори и затоа што платите доцнеа со месеци. Но, ајде да ја поставиме суштинската разлика. Тогашното барање на ССМ беше линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен во јавниот сектор, што можете да го видите од амандманот којшто беше изготвен од нив, а поддржан од наша страна. Истовремено може да се види како на официјалната веб страна на ССМ тие дури и јавно ни се заблагодаруваат на нас, неколкумина, кои тогаш застанавме рамо до рамо со нив“, рече тој.

Денес, додаде Стојаноски, две години откако ја водиме државата, фактите се следни: во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари по вработен, вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46% до 60% повисоки примања во рок од четири години, вработените во високото обрасование добија покачување за минимум 14%, здравствените работници ќе добијат 40 до 50% повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада, полициските службеници добија 10% зголемување, социјалните работници добија 20% повисоки плати, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување преку посебни колективни договори, околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира покачување на платите за 40%, за 2 години и 3 месеци, кој трае до 2028 година, испочитувани се во целост сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше, во одбраната, културата и други институции и платите денес се исплаќаат редовно, без доцнење со месеци како што беше во времето на СДС и ДУИ.

Според Стојаноски, сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го барал ССМ, а уште поважно, додаде тој, до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето кое што сега го има Трендафилов.

„Сега прашањето е многу едноставно: Ако тогаш барањето беше 2.806 денари, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот? Вистината е следна: Ние како опозиција поддржувавме борба за повисоки плати затоа што имаше неправда. Денес, како власт, ние не ветуваме на улица, ние реализираме преку договори, проценти и потпишани колективни спогодби“, рече Стојаноски.