Стојанов кој има забрана за влез во Македонија повторно најавува чествување на Мара Бунева во Скопје

од Nikola Popovski
144 прегледи

Контроверзниот претседател на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој има доживотна забрана за влез во Македонија повикува на 12 јануари на собир и панихида за Мара Бунева во црквата Свети Димитриј во Скопје, но и на кејот на Вардар во центарот на главниот град.

Според неговата објава на социјалните мрежи, панихиди за Бунева ќе има и во Тетово, Струмица и во Прилеп.

Бугарската фондација „Македонија“ лани на својот Фејбук профил објави дека „се горди на 40-тината Бугари што дошле во чест на Мара Бунева за време на антибугарскиот режим во Скопје“.

-Притисокот врз Бугарите во Македонија е огромен, а сепак гледате десетици Бугари од Македонија излегоа да ѝ оддадат чест на Мара Бунева. Не се гасне тоа што не можете да го изгаснете, вака лани кратко напиша Стојанов на социјалните мрежи.

Според објавените слики, на настанот присуствувале не повеќе од 20 лица, кои носеле транспарент „Македонија на Македонците“, испишан на бугарски јазик.

Тие положиле свежо цвеќе на нејзината спомен плоча на кејот на реката Вардар, а по традиција се одржа панихида во црквата Св. Димитар“ во центарот на Скопје, каде што на 13.01.1928 година, Бунева го застрела српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала, а на повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари.

Спомен-плочата и воопшто ликот на делото на Бунева различно се гледа во Македонија. Еден дел македонските граѓани и историчари сметаат дека Бунева како член на ВМРО на Иван „Ванчо“ Михајлов се борела за бугарската кауза и оттука нивните чувства кон спомен-плочата и случувањата околу неа се негативни и ги чувствуваат како националистички провокации од разни пробугарски и бугарски националистички друштва и партии.

На Стојанов му е изречена доживотна забрана за влез во земјава. Ова го изјавил самиот тој за бугарскиот портал „Лупа“ во 2023 година. Стојанов веќе имаше забрана за влез во времетраење од една година и 3 месеци. Кога му завршила казната, се упатил кон Скопје, но како што вели, бил вратен назад на граница бидејќи забраната му беше продолжена на неодредено време.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“.

Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Лани во месец јули, Стојанов му се закани на претседателот Македонска алијанса за европска интеграцијата, МАЕИ, Васил Стерјовски, поради изјавите дека во Албанија нема Бугари.

-Македонскиот политичар во Албанија, Васил Стерјовски набрзо ќе биде клиент на Обвинителството во Тирана. Причина: Сее омраза во албанското општество, тврди дека во Албанија нема Бугари и така го попречува правото на национално самоопределување, објави тој на својот Фејсбук профил.

Стојанов и претходно му се закануваше на Стерјовски, при што во објавата, пред објавување на резултатите од пописот, му порачува „да не бидат Бугарите побројни“.

Слични содржини