Контроверзниот Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“ продолжува со своите провокативни објави насочени кон нашата земја. Тој во коментар на социјалните мрежи му се заканил на новинарот и уредник во ТВ „Канал 5“, Александар Видиновски по објавувањето на неговата репортажа од Мала Преспа за положбата на Македонците и резултатите од пописот во Албанија.
„Кажувате дека нема Бугари. За тоа се одговара кривично зошто има декларирани 7080 Бугари. Треба ли да лежите затвор за да се научите да не лажете“, стои во коментарот на Стојанов.
Осуда пристигна од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. ССНМ смета дека “слободата” секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса.
-Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес, велат од ССНМ.
Во исто време ССНМ бара од Министерството за надворешни работи да реагира до бугарското МНР бидејќи според договорот за добрососедство двете страни се обврзани да регистрираат и постапуваат по акти со говор на омраза кон другата страна.
Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир проба да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.
Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“.
Фондацијата „Македонија“ не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.
Бугарија спроведуваше и агресивни активности за време на пописот во Албанија во областите каде што живеат Македонци поради што и официјално Скопје реагираше со коментар дека на пописот изјаснувањето треба да биде слободно и сите треба сами етнички и национално да се определат.