Стојановски: Град Скопје е секогаш виновен за состојбата во ЈСП, вработените се гладни

од Nikola Popovski
363 прегледи

Вработените во ЈСП Скопје веќе одлучиле да стапат во штрајк во понеделник поради неисплатената плата за декември. Ова денеска за „Локално“ го изјави Мичо Стојановски, претседател на Синдикалната организација на ЈСП. Според него, единствено што може да ја смени нивната одлука е доколку итно се свика седница на Советот на Град Скопје за гласање за субвенционирање на ЈСП. Сепак, со оглед дека денеска е последен работен ден, пред претстојниот продолжен викенд и празникот Водици, мали се шансите за такво нешто.

-Послатко би било за вработените во ЈСП Скопје да се одржи седницата и да одлучат, без разлика што се празници, дециден е Стојановски.

Според него, виновникот за состојбата е основачот на ЈСП, а тоа е Градот Скопје.

-Секогаш се тие виновници. Ние работиме по нивните налози и работата си ја извршуваме максимално, колку што ни се капацитетите и сега имаме заслужена плата, што не можеме да ја земеме на време, истакнува Стојановски.

Тој е дециден дека нема двоумења тука и во понеделник нема да има јавен градски превоз.

-Вработените веќе одлучија. Немаме штрајкувачки барања. Самите вработени се свесни дека гладни не можат да си ги извршуваат професионалните обврски и во понеделник не можат да излезат на линија, ни кажа претседателот на Синдикалната организација.

За ситуацијата во ЈСП, градоначалничката Данела Арсовска го обвини Советот на Град Скопје.

-Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата се уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна се што сме можеле сме направиле, рече Арсовска.

На 20 октомври 2022 година, Скопје првпат во историјата остана без јавен превоз, оти автобусите на ЈСП почнаа штрајк оти немаа земено плата за септември, а раководствата на претпријатието и на Град Скопје не најдоа решение како навреме да им се исплати. Истиот ден, на вонредна седница Советот на Град скопје пренамени околу 2 милиона евра од други проекти од буџетот за плати во ЈСП „Скопје“, по што автобусите почнаа да возат. Додека штрајкуваше ЈСП, возеа само приватните превозници, но откако Арсовска ги раскина договорите и со нив, тие скоро пола година не се вклучени во јавниот превоз.

Н.П.

Слични содржини