Стојановски тврди дека е единствениот легитимен претседател на СРСВМ

од Берта Китинска
227 прегледи

Вчерашната прес-конференција и денешната информација до медиумите на поранешниот претседател на Синдикатот на работниците од сообраќај и врски (СРСВМ), Методија Димески е несоодветен несериозен чекор, реагира Миќо Стојановски, актуелен претседател на Синдикатот.

– Имено, истиот преку медиумите лажно се претставува како моментален претседател на Синдикатот, за што ќе бидат поведени соодветни постапки согласно Статутот на СРСВМ и Закон, вели Стојановски, додавајќи дека Димески се служи со лажни вести само за да го привлече вниманието на членовите кои не му дале поддршка.

Според Стојановски, во 2014 година бил сменет од функцијата претседател на синдикатот од тогашниот министер за труд и социјална политика и на негово место бил назначен Димески, по што тој до декември 2019 година се обидувал да докаже дека е претседател на Синдикатот.

– И покрај целокупната документација доставена до тогашниот министер, дека согласно Статутот на СРСВМ, а во согласност со Законот за работните односи, синдикалните претставници се бираат од страна на органите и телата (Конгрес или Собрание) на Синдикатот, како повратен одговор добив само притисоци. Од 2014 година се до декември 2019 година траеше мојата голгота докажувајќи со сите правни средства кои ми беа на располагање, дека јас Миќо Стојановски сум легитимен претседател на СРСВМ избран на Собрание на Синдикатот, одржано на 07.02.2014 година, но за жал ова не го виде светлото на денот. Со Пресуда на Управниот суд на РСМ У5 бр.876/2017 и Пресуда на Вишиот управен суд УЖ3 551/2018, конечно е одлучено во моја корист, а истото е потврдено и во два наврати од страна на Комисијата за жалби со Решение бр.3202-102/1 од 02.05.2019 година и бр.3202-116/1 од 28.11.2019, вели Стојановски.

Врз основа на пресудите и решенијата, како што посочува, на 4 декември повторно е запишан во Централниот регистар за претседател на синдикатот.
– Со цел да нема недоразбрања, како и на членовите на Синдикатот да не им се создаваат нејаснотии, СРСВМ на 03.02.2020 година одржа Собрание, согласно Статутот, на кое легитимно избран претседател сум јас Миќо Стојановски, а целокупната документација е доставена до МТСП согласно закон, за спроведување на истата, по што повторно сум запишан во Регистарот на синдикати во МТСП и истото е спроведено во Централниот регистар, а доказ за тоа е тековната состојба од ЦРМ од 12.03.2020. До денес, јас сум единствениот легитимен Претседател на СРСВМ кој има право и обврска да го застапува Синдикатот, нагласува Стојановски.

Слични содржини