Лидерите на Западен Балкан се собраа во Скопје поради економијата и испратија позитивни пораки за соработката и развојот на регионот, но зад кулисите на средбите на кои покрај европските претставници, учествуваше и американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, главна тема беше напредокот на земјите на евроинтеграцискиот пат. Претставниците на ЕУ и САД беа јасни – искористувањето на средствата од пакетот на ЕУ за Западен Балкан во вредност од шест милијарди евра, кога станува збор за Скопје, во голема мера ќе зависи од подготвеноста за исполнување на потребните реформи за продолжување на преговорите со ЕУ, без разлика на неопходните уставни измени. Претставникот од Европската комисија оценува дека планот на раст ќе овозможи побрзо пристапување до Унијата.
Со Планот за раст ќе се намалат или ќе пораснат проблемите на земјава?
Планот за раст не е создаден за проблеми, туку за нивно надминување или барем намалување на нивниот број. Со планот за раст се предвидени инвестиции во раст/развој на економијата на државите од Западен Балкан, но и поддршка на реформскиот процес, вели во разговор за „Локално“, Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот.
Оттаму, додава тој, планот треба не само да даде дополнителна поддршка, а со тоа и мотив за повеќе напредок или со други зборови „Повеќе Европа“, туку и да обезбеди деловната заедница да се подготви за притисокот на пазарниот механизам од ЕУ.
Главната порака испратена од лидерската средба, според Стојковски, беше дека во рамките на трансатлантското партнерство има сериозен фокус на регионот и посветеност за негова европеизација и интеграција.
-Дополнително, испратената порака беше дека таквиот фокус треба да биде искористен за што поскора интеграција, односно за интеграција до 2030 година. Тука направениот притисок колку општо кон државите од регионот, беше направен или упатен и кон нивните граѓани, истакнува соговорникот.
Едно е сигурно, дециден е Стојковски, има разбирање за потребата од реформи и за потребата од повеќе Европа.
-Сепак, разбирањето за потребата, разбирањето за реформите и за тоа што значи повеќе Европа е различна кај секој политички субјект. Токму затоа притисок/пораки беа упатувани и до граѓаните да разгледаат и размислат и да прифатат или изберат само понуда која дава јасен план за тоа како ќе се развиваат сите работи, посочува директорот на Преспа институтот.
Во однос на пораките од страна на О’Брајан, Стојковски е дециден дека нема продолжување на пристапувањето без уставни измени, бидејќи тие се дел од преговарачката рамка, а таа нема да се промени.
-Преговарачката рамка од другата страна е гарант за тоа како ќе се одвива пристапувањето и што можеме да очекуваме во процесот. Оттаму, фер е сите политички партии да кажат што мислат и како ќе го водат процесот. Во државава, според нашата последна анкета, од Институтот ПРЕСПА, дури 70% од граѓаните ја гледаат ЕУ како најдобра опција за Македонија. Оттаму, фер е за сите тие граѓани да знаат како ќе го водат процесот сите политички партии, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ, оценува тој.
Сепак, Стојковски тврди дека изборите во државава не се приоритет за САД, не во оној обем во кој ние сметаме дека треба или посакуваме да бидат.
-Сепак, за потребите на спречување на сите негативни влијанија кои ги гледаме секојдневно, ангажман е потребен. Дали е тоа булдожер-дипломатија… За среќа не сме ниту близу во фаза во која такво ангажирање е потребно, заклучува соговорникот.
Н.П.