Стојковски за Извештајот за Македонија: Политичката дебата во ЕП укажа дека нашата дипломатија нема реални сојузници и дека „штетните наративи“ доаѓаат и од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ

Тоа што европратениците го отфрлиле амандманот „модерен“ пред македонски јазик значи дека ЕП не прифаќа историски ревизионизам како услов за пристапувањето, вели за Стојковски од Преспа Институтот за „Локално“

од Nikola Popovski
468 прегледи

Првата фаза е завршена. Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија. Пред гласањето, претседателот на Комитетот ги осуди нападите кон известителот Томас Вајц кои дојдоа од бугарски европратеници, кои реагираа на референците со кои се потврдуваат македонските идентитет и јазик. Известителот Вајц во писмена изјава го поздрави широкото политичко мнозинство за усвојување на документот, кој како што рече е добро избалансиран и плод на напорна работа којашто била вложена за изнаоѓање компромиси. Пред гласањето за извештајот покрај амандманите од бугарските европратеници Вајчев и Ковачев, нов амандман предложи и координаторот на Европската народна партија Михаел Галер. „Би сакал да предложам амандман во извештајот едноставно да се стави „модерен“ на четири места пред македонски јазик и идентитет“, изјавил тој. На седницата биле одбиени сите амандмани („сегашен“ пред македонски идентитет и јазик) на бугарските европратеници Вајчев, како и амандманот на Гала.

Околу тоа дали македонската дипломатија издвојува победа и каква порака се испраќа после вчерашното гласање, поразговаравме со извршниот директор на „Преспа институтот“, Андреја Стојковски. Според него, усвојувањето на Извештајот за С.Македонија од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) е важен, но не и конечен чекор во европскиот процес на земјата. Сметта дека тоа не е „победа“ во класична смисла, туку повеќе паралелен процес во кој Европскиот парламент останува глас на поддршка за европската перспектива на земјата, особено во контекст на стратешките интереси на ЕУ во регионот.

„Еве како тоа може да се толкува: Извештајот, и покрај амандманските битки, потврдува поддршка за пристапните преговори и фокусираност на реформските процеси. Тоа практично ја потврдува или засилува позицијата на Северна Македонија како кредибилен кандидат. Од другата страна, тоа е дополнителен притисок за нашата држава да го испорача она што се содржи во Преговарачката рамка, уставни измени и отворање на првиот кластер од преговорите“, анализира Стојковски.

известувачот Томас Вајц

Тој е дециден дека ЕП нема извршна улога во проширувањето, но неговиот став има политичка тежина.

„Со ова се праќа порака до државите членки дека продолжувањето на процесот е од интерес на Унијата. Во исто време, политичката дебата која се водеше во парламентот укажа на тоа дека нашата дипломатија нема реални сојузници и дека „штетните наративи“ не се само од некои европратеници, главно од Бугарија и Грција, туку и од сестринските партии на нашата владеачка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму, нашата дипломатија можеби „победила“, ако спречувањето да се инкорпорираат овие штетни формулации може да и се припише во заслуга. Но, ако се имаат предвид мнозинството од дискусиите и „бескорисните“, дури и „штетни“ предлози, тогаш со отворањето на таа дебата си направила мечкина услуга“, вели соговорникот и додава со други зборови – Македонија нема никаква посветеност на пристапувањето и преговорите, а не покажува ниту зрелост и вештина во комуникациите со европските партнери.

Стојковски смета дека евентуалното усвојување на конечниот извештај во ЕП без придавката „модерен“ пред македонскиот јазик и идентитет би можело да има неколку важни импликации, но не мора нужно да доведе до „замрзнат спор“ со Бугарија.

-Терминот „модерен македонски јазик“ е барање кое произлегува од бугарската позиција и се обидува да ограничи историската димензија на македонскиот идентитет и јазик, третирајќи го како нешто што се појавило „по 1944 година“. Тоа што европратениците го отфрлиле амандманот значи дека ЕП не прифаќа историски ревизионизам како услов за пристапувањето. Парламентот често покажувал или давал отпор билатерални формулации да се наметнуваат како европска позиција, посочува извршниот директор на Преспа Институтот.

Соговорникот цени дека ако одбивањето на формулацијата не може да се прифати како „победа“, тогаш прифаќањето на истата, во јули, несомнено ќе биде огромен пораз.

-Во таков случај ЕП ќе демонстрира заземање на страна во билатерален спор, а во двете држави ќе дојде до ново подгревање на националистичките реторики и на стравовите за прашањата за јазикот, идентитетот и историјата. Патем, овие прашања беа затворени со Преговарачката рамка и со билатералниот договор, а ќе останеа како тема за дебата во историската комисија која не беше услов за пристапувањето и немаше прецизно утврден рок до кога треба да ја заврши својата работа. Некој едноставно, активно работеше на штета на нашата позиција, или на нејзино дополнително влошување. Дали тоа ќе значи „замрзнат спор“? Не нужно. Иако, ќе го направи Европскиот парламент реактивен, ќе ги усложни процесите во Советот и ќе и даде простор повеќе на Бугарија, истакнува Стојковски.

За тоа што може понатаму да се стори, Стојковски советува партиска дипломатија која ќе ги убеди своите сестрински партии да не поддржат таков амандман, како и искрена и отворена комуникација на политичките лидери, во која ќе им признаат на граѓаните дека европскиот процес не е заложник на билатерални формулации.

-Намалување на разгорувачки националистички дискурс. Посветена работа на Владата за спроведување на преговарачката рамка и отворање на првиот кластер, односно уставни измени. Дипломатска активност за поддршка за проширувањето и за изолација на националистичките наративи од официјалните процеси во ЕУ, потенцира експертот.

Предлог-амандманот за воведување на формулацијата „модерен“ македонски јазик во извештајот на Вајц за Македонија претставува сериозен удар врз македонските позиции, оценува СДСМ. Партијата смета дека ова е и шлаканица за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи амандманот беше предложен од член на германската ЦДУ, која доаѓа од редовите на европските народни партии.

Против беа само бугарските европратеници, кои добија поддршка од социјалдемократите, велат од ВМРО ДПМНЕ. Оттаму посочуваат дека документот ги потврдува нашите позиции и европската перспектива.

„Во документот, како резултат на континуираната посветеност и принципиелниот пристап, со широко мнозинство, се потврдуваат македонскиот јазик, македонскиот идентитет и европската перспектива на државата. Оваа постапка од страна на европскиот парламент не е крајна цел, туку охрабрување да продолжиме по патот на реформите, владеењето на правото и институционалната стабилност“, велат од партијата.

Ние сме Македонци, со свој јазик, историја и чувство за припадност, а патот на реформите ќе го продолжиме со крената глава и чувство на одговорност, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Н.П.

Слични содржини