Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на вториот ден од балканската турнеја ќе престојува во земјава. Официјалната посета, како што е најавено, Столтенберг ќе ја започне во Владата проследена со заедничка прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО, попладне ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132-та седница, по што ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.
Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.
Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.
Турнејата на Столтенберг коинцидира со предупредувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски од пред некој ден кога рече дека Русија ќе поттикне нови кризи на Балканот. Тој повика да се зголеми вниманието во регионот и да се преземат мерки за да не дојде до нова експлозија.
Од МВР информираат дека денеска и утре, поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации, ќе има посебен сообраќаен режим на поширокото градско подрачје во Скопје.
Пред доаѓањето во земјава, Столтенберг ќе се сретне во Белград со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Премиерката на Србија, Ана Бурнабиќ одвоено ќе разговара и со Столтенберг, соопшти владата на Србија.