На претстојниот самит во Вилнус, лидерите на НАТО повторно ќе потврдат дека Украина ќе стане членка на Алијансата и ќе донесат единствена одлука како да се приближи Киев до таа цел, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Москва донесе смрт и уништување во срцето на Европа веќе 500 дена. Нашиот самит ќе испрати јасна порака: НАТО е обединет, а руската агресија нема да се исплати“, рече Столтенберг на прес-конференција, пренесе „Ројтерс“.
Зборувајќи за членството на Шведска, генералниот секретар на Алијансата рече дека се уште има пречки кои треба да се надминат за Турција да се согласи земјата да влезе во НАТО.
Тој повтори дека ќе се сретне со турскиот и шведскиот лидер во понеделник, ден пред почетокот на самитот.
Самитот на НАТО ќе се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус, Литванија.