Столтенберг: НАТО и КФОР се подготвени да интервенираат во Косово

од Nikola Popovski

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека КФОР е подготвен да интервенира доколку стабилноста е загрозена.

Јенс Столтенберг денеска телефонски разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

„Зборував со претседателот на Србија, Александар Вучиќ за тензиите на северот на Косово. Сите страни мора да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на Европската унија и да ги решаваат разликите преку дипломатија. НАТО и КФОР се подготвени да интервенираат доколку е загрозена стабилноста, врз основа на нивниот мандат од ОН“, напиша Столтенберг на Твитер.

Столтенберг изјави и дека со премиерот на Косово разговарал за неодамнешните тензии.

„Сите страни мора да бидат воздржани“, напиша Столтенберг за разговорот со Курти и додаде дека на косовскиот премиер му рекол дека сите страни мора да избегнуваат еднострани потези, но и да го поддржат дијалогот со посредство на ЕУ.

„Останувам во контакт со Белград и Приштина“, додаде тој.

Да потсетиме, во текот на разговорот со генералниот секретар Столтенберг, претседателот на Србија, Вучиќ го презентираше ставот на Србија за тешката ситуација на Косово и го информираше за активностите на Приштина кои предизвикуваат дополнителен страв и немир кај граѓаните од српска националност, соопшти прес-службата на Претседателството на Србија. објавен претходно денеска.

„Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно да се продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека мирот и стабилноста се од клучно значење, не само за Србија и регионот, туку и за сите оние кои живеат на Косово и Метохија“, се вели во соопштението од српското претседателство.

Слични содржини