НАТО мора да се подготви за долга конфронтација со Русија, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин не покажува желба за мир една година по инвазијата на Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Мораме да бидеме подготвени на долг рок, тоа би можело да потрае многу, многу години“, изјави Столтенберг за АФП.
Тој додаде дека Путин „сака поинаква Европа, Европа во која ќе може да ги контролира своите соседи, каде што ќе може да одлучи што можат да прават земјите“. Столтенберг рече дека 30-те земји членки на НАТО се уште порешителни Украина на крајот да победи.
„Тука сме за да осигураме Украина да победи во оваа војна и да ѝ обезбедиме оружје, муниција и поддршка кои ѝ се потребни“, рече генералниот секретар на НАТО.
„Ако претседателот Путин победи во Украина, тоа ќе биде трагедија за Украинците. Но, тоа ќе биде и опасно за сите нас, бидејќи тој и другите авторитарни лидери ќе бидат убедени дека можат да ги постигнат своите цели кога ќе употребат воена сила“, рече Столтенберг.