Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вети континуирана поддршка за Украина, разурната од војна и додаде дека Алијансата ќе остане будна за да се избегне поширока војна со Русија.
– НАТО не е страна во конфликтот. Нема да бидеме вовлечени во војната на Путин – рече Столтенберг на заедничката прес-конференција по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин.
Лидерот на НАТО го обвини рускиот претседател Путин за намерно бомбардирање на украинската цивилна и енергетска инфраструктура за да ги принуди Украинците да се предадат.
– Путин ја користи зимата како оружје. И не можеме да му дозволиме да победи. Во овој критичен момент нашата континуирана поддршка на Украина е поважна од кога било – рече Столтенберг.
Столтенберг и се заблагодари на германската влада за финансиската и воената помош за Украина.
– Германија е меѓу сојузниците кои обезбедуваат најмногу воена, финансиска и хуманитарна помош за Украина. Воената опрема обезбедена од Германија ги штити украинските домови, училишта и болници од руски ракетни напади – рече тој.