Столтенберг: НАТО смета дека безбедносната ситуација на Западен Балкан е многу кревка

од Stefanija Kuzmanovska
874 прегледи

НАТО смета дека безбедносната ситуација на Западен Балкан се уште е многу кревка, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, нагласувајќи дека постои потенцијал за тензии на Косово и во Босна.

На заедничката прес-конференција со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, во седиштето на Алијансата во Брисел, Столтенберг ја повтори својата загриженост поради зголемувањето на тензиите и насилството на северот на Косово минатата година, јавува „Радио Слободна Европа“.

Тој го осуди минатогодишното избивање на насилство на Косово и укажа на брзата реакција на НАТО, кој „распореди дополнителни илјада војници и оклопни возила“. Столтенберг истакна дека НАТО е „посветен да обезбеди КФОР да продолжи да го исполнува својот мандат од ОН“.

НАТО го зголеми своето присуство на Косово со илјада дополнителни војници по нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција кај селото Бањска на северот на Косово на 24 септември минатата година.

Тој, исто така, потврди дека НАТО продолжува да ја оценува потребата од натамошно прилагодување на своето присуство во Босна и Херцеговина.

„Пораката е дека сите страни треба да се воздржат од запалива реторика и дека мора да се почитуваат територијалниот интегритет и меѓународно признатите граници на Босна и Херцеговина. Тесно соработувавме со Европската Унија, и во Босна, а сега всушност работиме заедно на терен. Ние исто така го поддржуваме нашето воено присуство на Косово. Дијалогот со посредство на ЕУ е единствениот начин да се најде трајно решение“, порача генералниот секретар на НАТО.

Додаде дека амбасадорите на НАТО ќе го посетат Сараево следната недела, велејќи дека тоа е „демонстрација на силната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.

Столтенберг ја истакна критичната улога на Црна Гора во обезбедувањето стабилност на Западен Балкан. Тој ја поздрави цврстата посветеност на црногорскиот премиер за реформите како и црногорскиот пат кон евроатлантските интеграции, се вели во соопштението на НАТО.

Тој го истакна придонесот на Црна Гора за сојузничката безбедност, вклучително и испраќање војници во мултинационалните борбени групи во Бугарија и Латвија, и рече дека Црна Гора, исто така, придонесува за „градење поефикасни и поинклузивни безбедносни сили“ како дел од мисијата за обука на НАТО во Ирак.

Зборувајќи за поддршката за Украина, Столтенберг ѝ се заблагодари на Црна Гора за нејзиниот придонес преку Сеопфатниот пакет за помош на НАТО (CAP) и апелираше до сојузниците да продолжат да ја зголемуваат поддршката за Украина во овој критичен момент.

Осврнувајќи се на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, генералниот секретар истакна дека „влегувањето на Шведска во НАТО ќе ја направи целата Алијанса посилна“. Тој му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за брзото потпишување на неодамнешната ратификација на членството на Шведска во Алијансата во турскиот парламент.

Слични содржини