Столтенберг: Палењето на Куранот не е незаконско

од Nikola Popovski
774 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера изјави дека инцидентот во кој беше запален примерок од Куранот во Шведска е навредлив и непожелен, но не и незаконски.

„Во врска со палењето на Куранот, ги разбирам емоциите и длабочината на чувството што го предизвикува, тие постапки се навредливи и непожелни, но не се незаконски во суверените правни системи“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Николај Денков во Брисел, пренесува „N1“.

Столтенберг изјави дека не ги поддржува протестите против Турција и НАТО кои неодамна избија во Шведска, но дека го брани правото на несогласување кое е дел од слободата на изразување.

На првиот ден од муслиманскиот празник Курбан Бајрам се одржа протест пред главната џамија во Стокхолм во кој беше запален Куранот.

Демонстрациите беа одобрени од шведските власти. Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека одлуката на полицијата е законска, но несоодветна.

Ова не е прв протест во Шведска кој вклучува палење на Куранот, а ваквите демонстрации предизвикаа тензии меѓу Стокхолм и Анкара, чија поддршка ѝ треба на Шведска за да се приклучи на Алијансата.

Слични содржини