Столтенберг предложи пакет помош за Украина во вредност од 100 милијарди евра

Согласно тој план, НАТО ќе преземе некои координативни обврски од т.н Рамштајнска група предводена од САД, со цел да го заштити НАТО од какво било намалување на американската поддршка ако Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

од Бети Божиноска

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предложи петгодишен пакет воена помош за Украина во вредност од 100 милијарди евра со кој Северноатлантската алијанса ќе му даде подиректна поддршка на Киев, потврдија денеска пет неименувани дипломати за „Ројтерс“.

Тие наведуваат дека, согласно тој план, НАТО ќе преземе некои координативни обврски од т.н Рамштајнска група предводена од САД, со цел да го заштити НАТО од какво било намалување на американската поддршка ако Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

Овој предлог се очекува да биде разгледан за два дена на состанокот на министрите за надворешни работи од НАТО со цел да се создадат услови овој пакет помош да биде усвоен за време на самитот на Северноатлантската алијанса во јули во Вашингтон.

НАТО како организација досега се ограничуваше на испраќање несмртоносна помош за Украина поради стравот дека подиректна улога може да предизвика ескалација на тензиите со Русија.

Повеќето членки на НАТО ѝ обезбедуваат оружје на Украина на билатерална основа, но неименувани дипломати велат дека постои сè поголема согласноство западната воена алијанса дека е дојдено време да се зголеми воената помош за Украина на долгорочна основа, а НАТО е најдобро поставен да го преземе поголемиот дел од таа улога.

Слични содржини