Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во неделата вечерта пристигна во Сараево, првата станица од регионалната мини турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Придружуван од силни безбедносни мерки, по пристигнувањето во Сараево, Столтенберг се сретна со членовите на Претседателството на БиХ на работна вечера.
Неговите одвоени разговори со претседавачот на Министерскиот совет на БиХ Борјан Кришто, министерот за одбрана Зукан Хелез и претставници на меѓународната заедница во БиХ, вклучително и високиот претставник Кристијан Шмит и командантите на штабот на НАТО во Сараево и ЕУФОР, беа најавени за понеделник.
Босна и Херцеговина не е членка на НАТО. Таа е членка на програмата Партнерство за мир и има одобрен Акционен план за членство во НАТО (МАП), што е цел дефинирана со актуелниот закон за одбрана на БиХ. Сепак, спроведувањето на реформите кои би го отвориле патот за полноправно членство во Алијансата со години е блокирано од политичарите од Република Српска.
По посетата на Босна и Херцеговина, Столтенберг ќе замине во Приштина, а потоа во Белград.