Столтенберг: „Рацете на Киев се врзани затоа што не смее да ја нападне Русија со оружјето на западните сојузници“

од Илинка Илиоска

„Рацете на Украина се врзани поради ограничувањата за напад на руска територија со оружјето што го добива од нејзините западни сојузници, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Неколку земји ја ограничија употребата на оружје доставено до Украина само на нејзина територија, вклучително и Крим и Донбас, но им забранија да напаѓаат руска територија.

„Затоа на Украинците им се врзани рацете и тоа многу ја отежнува одбраната“, изјави Столтенберг на почетокот на состанокот на НАТО во Софија, главниот град на Бугарија.

„Мислам дека е време да се преиспитаат некои од тие ограничувања“, рече Столтенберг бидејќи, како што истакна, Киев „има право да се брани“ и „има право да напаѓа легитимни воени цели надвор од Украина“.

Соединетите Американски Држави, главниот снабдувач на воена помош за Украина, и Германија и некои други европски земји, не даваат оружје без никакви ограничувања.

Сепак, американскиот државен секретар Ентони Блинкен неодамна во Киев изјави дека Украина треба да одлучи како да користи оружје.

„Не охрабрувавме напади надвор од Украина, но на крајот на денот останува на Украина да донесе одлуки за тоа како да се води оваа војна“, рече Блинкен.

Слични содржини