Столтенберг: Реизборот на Трамп нема да го ослабне НАТО

од Radmila Tasevska
215 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги отфрли стравувањата дека реизборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја ослабне одбранбената алијанса во моментот на обезбедување цврста поддршка за Украина.

Столтенберг рече дека ниту една секунда не верува оти претседателството на Доналд Трамп ќе го загрози американското членство во НАТО алијансата.

-Верувам дека САД ќе продолжат да бидат силен сојузник на НАТО, без оглед на исходот од американските избори, бидејќи тоа е во американски интерес, рече тој во интервјуто за Си-Ен-Ен.

Републиканецот Трамп, жесток критичар на НАТО во неговите претседателски денови, се закани дека ќе ја повлече земјата од алијансата. Тој го намали финансирањето на НАТО за одбрана и постојано се жалеше дека САД плаќаат повеќе отколку што треба.

-Работев со него четири години и внимателно го слушав, а главната критика беше насочена кон тоа што сојузниците од НАТО одвојуваат премалку, рече Столтенберг.

Генералниот секретар рече дека во меѓувреме неколку земји-членки го зголемиле својот воен придонес.

-Значи, американската порака дека европските сојузници треба повеќе да придонесат е примена и тие навистина се движат во таа насока, рече тој.

Слични содржини