Столтенберг: Самитот на НАТО во Вилнус е историски и пред да започне

од Stefanija Kuzmanovska
177 прегледи

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во вторникот изјави дека самитот во Вилнус е историски уште пред да започне поради договорот меѓу Турција и Шведска.

„Најважната порака на овој самит се случи пред да започне. Шведска ќе стане полноправна членка на алијансата. Тоа е добро за Шведска, добро за Турција и за балтичкиот регион“, рече Јенс Столтенберг за време на неговите воведни зборови на НАТО јавниот форум.

Приклучувањето на Шведска во НАТО по Финска е една од главните точки на агендата на самитот.

Столтенберг ден пред самитот изјави дека меѓу Турција и Шведска ќе биде воспоставен билатерален безбедносен механизам и дека ќе биде назначен првиот специјален координатор на НАТО за борба против тероризмот.

Според него, Турција се согласила да го испрати шведскиот протокол за влез во НАТО во парламентот по трилатералната средба меѓу него, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

„Шведска се согласи, како членка на Европската унија, активно да ги поддржува напорите за заживување на процесот на пристапување на Турција во Европската унија, како и да помогне во модернизацијата на царинската унија ЕУ-Турција и визната либерализација“, рече Столтенберг.

Одговарајќи на прашањето, Столтенберг рече дека ќе го поздрави секој чекор меѓу Соединетите Американски Држави и Турција во врска со борбените авиони Ф-16, но дека тоа прашање „не е дел од вчерашниот договор“.

Столтенберг рече и дека јасната порака на овој самит на НАТО ќе биде дека мора да стојат покрај Украина онолку колку што е потребно.

„Убеден сум дека во однос на членството, сојузниците повторно ќе потврдат дека Украина ќе стане членка“, додаде Столтенберг.

Говорејќи за употребата на касетна муниција, Столтенберг рече дека тие биле користени од двете страни во војната во Украина.

„Разликата е во тоа што Русија користи касетна муниција за инвазија и окупација на друга земја, додека Украина ги користи за одбрана од руска агресија“, рече Столтенберг.

Слични содржини