Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на Северноатлантската алијанса изјави дека сите страни на Западен Балкан треба да се воздржат од запаливи зборови и дејствија кои би можеле да доведат до понатамошна ескалација на тензиите, нагласувајќи ја важноста на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, пренесе „Косово онлајн“.
Столтенберг на прес-конференцијата рече дека патот напред за Белград и Приштина е дијалогот што го олеснува Европската унија и истакна дека ги охрабрува двете страни со добра волја да се вклучат во преговарачкиот процес.
„Видовме зголемени тензии во Косово и другите делови на Западен Балкан во последните десет месеци. Непосредно пред Божиќ го посетив регионот. Мојата главна порака е дека сите страни треба да се воздржат од запаливи зборови и дејства кои би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите во регионот“, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека поради настаните на Косово минатата година, земјите-сојузници на НАТО го зголемија своето присуство.
„Како резултат на насилството што го видовме на Косово во последната година, НАТО го зголеми своето присуство. Таму е и КФОР. Ние сме тука за да обезбедиме мирна и безбедна средина за сите заедници. Додадовме илјадници дополнителни војници за да го исполниме мандатот што го добивме од Обединетите нации“, заклучи Столтелберг.