Столтенберг смета дека војната во Украина може да трае со години

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажа од окупацијата на цела Украина, а војната веројатно ќе трае „со месеци, па дури и години“, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Мораме да бидеме реални. Војната може да трае долго, месеци или дури години. Затоа мора да бидеме подготвени на долг пат, како во однос на поддршката на Украина, така и во однос на одржувањето на санкциите и зајакнувањето на нашата одбрана“, изјави Столтенберг пред новинарите во Брисел пред состанокот на министрите за надворешни работи.

Генералниот секретар на НАТО рече дека нема индикации дека Путин ја променил својата цел да ја контролира цела Украина.

На маргините на министерскиот состанок на НАТО, планирана е средба на шефовите на дипломатиите на Групата седум најиндустриски развиени земји во светот (Г7). Оваа група ја сочинуваат САД, Канада, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција и Италија.

„На Украина итно и е потребна воена поддршка и затоа е толку важно сојузниците на НАТО да се согласат да продолжат да ја поддржуваат Украина со многу видови воена опрема“, рече Столтенберг.

Слични содржини