Изразувам благодарност до сите членови на ВМРО-ДПМНЕ кои не контактираат и даваат поддршка на иницијативата за свикување вонреден конгрес. Бројот на делегати на конгресот, актуелни и поранешни партиски функционери, или општо членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се приклучуваат кон идејата расте секој ден. Тоа ни дава право да заклучиме дека сме на вистинскиот пат, изјави денеска Борче Стомов, член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
-Долгогодишна пракса во западните демократии, но и во светот е после пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Овој чин претставува практикување и почитување на демократијата и демократските вредности.
Се бориме за запазување на веќе воспоставениот стандард за оставки. Јас не сум среќен што во мојата партија во која сум пораснал мора со ваков активизам да се бориме за запазување на веќе воспоставениот европски стандард за понесување одговорност после изгубени избори. Да потсетам, претходните претседатели Георгиевски и Груевски, кои што ја раководеа партија по повеќе од 10 години двајцата, и ја водеа низ повеќе победи и успеси, при првиот свој пораз го запазија овој стандард. Актуелниот претседател не донесе ниту една победа или успех, и нема никаква рационална причина тој да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ мора да биде демократска партија каква што отсекогаш била. Затоа природна последица е дури и при најмала дилема за квалитетот на раководењето на партијата, партиските органи да можат без никаква пречка да се произнесат. А според статутот, Конгресот е над сите нас.
Во услови кога мандатот на сите членовите на Извршниот комитет е истечен, во услови кога мандатот на најголемиот дел од членовите на Централниот комитет е исто така истечен, единствениот легитимен партиски орган кој би можел да дискутира за состојбата на партијата е Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Во услови кога немаме Централен комитет да носи легитимни партиски одлуки, вонреден конгрес може да свика Претседателот или пак самите делегати на конгресот.
За да се избегнат натамошни поделби најдобро е Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да свика вонреден конгрес. Оттука, го повикувам Претседателот да покаже демократски капацитет и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес. Ако претседателот на партијата е сигурен во довербата на членството, за него е најдобро да се повлече, па конгресот кој го избра да има шанси повторно да се изјасни за доверба кон него.
На крајот, би сакал да потенцирам дека моја идеја и желба е обединување на ВМРО-ДПМНЕ. Состојбата во ВМРО-ДПМНЕ не е црно-бела како што се обидува раководството да ја прикаже. Партијата никогаш во својата историја не била до толку поделена. За жал, единствен начин за консолидирање на ВМРО-ДПМНЕ е преку одржување на вонреден конгрес и тоа треба да се направи во најскоро време, изјави Стомов.