Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, генералната директорка на Стопанска банка АД Скопје, Хрисула Кутуди, и директорот на Природонаучниот музеј – Скопје, Ивица Заркадов, денеска потпишаа Меморандум за тригодишно стратешко партнерство, со кој се воспоставува соработка за модернизација и дигитално збогатување на Музејот.
Потпишувањето на Меморандумот се случува во пресрет на 100-годишнината од основањето на оваа музејска институција во следната, 2026 година.
Министерот Љутков во изјава за медиумите изрази благодарност до Стопанска банка што ги препозна важноста и потенцијалот на Музејот како национален центар за еколошко и научно образование.
„Овој меморандум е потврда за тоа како јавниот и приватниот сектор можат успешно да соработуваат за создавање подобри услови за учење, за иновативни културни и научни содржини и за поддршка на младите генерации. Особено ме радува што проектите што ќе се реализираат, од Магичната соба до подобрената пристапност, модерната веб-страница и новите дигитални алатки, директно ќе влијаат врз развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители“, потенцираше Љутков.
Генералната директорка на Стопанска банка, Кутуди, нагласи дека банката негува долга традиција во поддршката на образованието, науката и јавните институции.
„Стопанска банка негува долга традиција на поддршка на образованието, науката и на јавните институции. Се надевам дека со ова партнерство ќе придонесеме за нови интерактивни искуства за илјадниците деца кои го посетуваат Музејот секоја година, продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век“, истакна Кутуди, изразувајќи благодарност до Министерството за култура и туризам и до тимот на Музејот за нивната посветеност и соработка.
Директорот на Природонаучниот музеј, Заркадов, изрази благодарност до Стопанска банка за значајната донација од 150 000 евра, која ќе овозможи обновување на влезниот портал и на холот, изградба на првата интерактивна „Магична соба“ (Magic Room) во Македонија и целосна модернизација на веб-страницата. Тој истакна дека овие промени ќе го направат Музејот поатрактивен и за учениците и за младите и за туристите, и дека ова претставува прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда во неговото столетно постоење.