Стотици домови без струја во Австралија, се очекуваат големи поплави

од Stefanija Kuzmanovska

Стотици домови во југоисточна Австралија останаа без струја, а жителите полнат вреќи со песок, бидејќи неповолните временски услови го погодија регионот и беа издадени предупредувања за пообилни врнежи од дожд, силни ветрови и нови поплави, јавува ABC.

Најпогодени ќе бидат државата Викторија и островската држава Тасманија. Во некои области на Викторија веќе наврнале 140 мм дожд, што е повеќе од двојно од просечните врнежи во октомври, соопшти метеоролошката канцеларија.

„Очекуваме уште полошо време и повеќе врнежи“, предупреди синоптичарот Џонатан Хау, зборувајќи за ABC. „Постои значителна загриженост низ југоисточна Австралија“, додаде тој.

Разорни поплави го погодија источниот брег на Австралија неколку пати од почетокот на минатата година поради повеќегодишниот климатски феномен Ла Ниња кој редовно носи повеќе дождови и поекстремни врнежи.

До 80 мм дожд се очекува да падне во поголемиот дел од Викторија, најнаселената австралиска држава, во петок и до 300 мм дожд во делови од Тасманија, објави метеоролошката служба во најновиот извештај.

Премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус, изјави дека доаѓаат можеби најтешките поплави што ги имале во последно време, додека властите ги повикуваат жителите да не одат на пат ако не мораат.

Слични содржини