Страџен: Нема нов референдум за независност на Шкотска до завршувањето со Брегзит

од Vladimir Zorba

Шкотскиот прв министер и лидер на Шкотската национална партија (СНП) Никола Старџен соопшти денеска во Единбург дека нема да се организира нов референдум за незавсност се додека не се расчисти ситуацијата околу Брегзит.

Во обраќање пред пратениците на шкотскиот Парламент, Старџен рече дека владата нема да го покрене механизмот околу законите за спроведување на референдумското изјаснување за иднината на Шкотска.

Во март годинава, таа објави дека во овој дел од Британија ќе се организира нов референдум за отцепување, определувајќи за тоа два термина- на есен идната година или во пролета 2019 година.

Старџен сега вели дека нејзината влада останува цврсто на определбата да и се обезбеди на Шкоска правото да избира за себе на крајот од процесот (за напуштање на ЕУ), но дека се повлекува од роковите што претходно ги објави.

Според шкотскиот прв министер, владата во Единбург ќе настојува да обезбеди место за Шкотска на единствениот пазар на Унијата, со обезбедените нови овластувања за Холируд (шкотскиот Парламент)

– Ќе направиме се што е во наша сила за да влијаеме врз Британија, во таа насока, рече Старџен.

На првиот референдум во септември 2014 година, 55 отсто од Шкотланѓаните гласаа против отцепувањето, додека шкотската независност ја поддржаа 45 отсто од тамошните гласачи.

Вториот референдум беше најавен по референдумот за ЕУ, на кој повеќето од Британците се определија за напуштање на Унијата, а особено откако владата во Лондон ги отфрли барањата и предлозите на Шкотска за посебно решение за неа во рамките на преговорите за Брегзит.

– Благодарејќи на ториевците ние сме турнати на неизвесен пат, кој е најтежок со генерации на ред. Не знаеме што ќе излезе од сето тоа, но стравуваме за вработеноста и работни места во Шкотска, за трговијата и за животниот стандард на луѓето, рече Старџен, порачувајќи дека Шкотска не може им се остави на милост и немилост на ториевците.

Одлуката за повлекување од плановите за нов референдум за независност се смета дека е последица на неуспехот на СНП на изборите од 8 јуни.

Партијата која има левичарска идеологија и е сепаратистчки определена, загуби 21 пратеник во британскиот Парламент, па иако и натаму е најголема партија во Шкотска, СНП сега нема доволно поддршка за изгласување независност.

Слични содржини