Досегашните најави за странски инвестиции од премиерот Христијан Мицкоски покажуваат стратегија фокусирана на привлекување капитал од различни земји, како Турција, Дубаи, САД …. Експертите оценуваат дека оваа диверзификација може да биде позитивен сигнал за економијата, бидејќи се избегнува прекумерна зависност од еден регионален партнер. Сепак, клучното прашање што се поставува е во која фаза се овие инвестиции, односно дали станува збор за потпишани договори со јасни рокови за имплементација или за почетни меморандуми за разбирање кои не гарантираат реализација.
-Инвестицијата од Турција вредна една милијарда евра и претходната најава за вложување на инвестициски фонд од Дубаи во ветропаркот се значајни во однос на енергетската трансформација, но треба да се анализира и изворот на финансирање, потенцијалните субвенции или државните гаранции, како и реалната динамика на имплементацијата. Од друга страна, најавата за американската „Вабтек“ покажува одредена стратегија за привлекување инвестиции во секторите на технологијата и транспортот, вели економскиот аналитичар Абил Бауш за „Локално“.
Според него, загрижувачки е што паралелно со овие најави се случуваат одредени повлекувања на европски компании, како што беше случајот со „Аптив“, кој ја префрли својата инвестиција во соседните држави, како и најавите за намалување на вработените од страна на „Џонсон Мети“.
-Овој тренд може да предизвика промена во стратегијата на мултинационалните компании. Компаниите во автоиндустријата, како „Аптив“ и „Џонсон Мети“, се наоѓаат под силен притисок од глобалниот процес на електрификација и реорганизација на синџирите на снабдување. Ова значи дека не станува збор само за макроекономски услови во Македонија, туку за пошироки стратешки прилагодувања. Европските компании вообичаено се повнимателни при носење одлуки за инвестирање, особено во земји со нестабилен правен систем, неизвесна економска политика и недоволно развиена инфраструктура. Ако Северна Македонија не успее да понуди стабилна деловна средина, можно е да продолжи трендот на намалување на европските инвестиции. Владината стратегија, очигледно, моментално е насочена кон не-европски извори на капитал, што може да биде сигнал за промена на економската ориентација. Ова поставува прашање дали земјата постепено се оддалечува од европските интеграции и повеќе се свртува кон алтернативни модели на развој, објаснува Бауш.

Абил Бауш
Во однос на најавата на премиерот Мицкоски дека загубите на одредени компании ќе бидат надоместени со привлекување поголеми играчи на пазарот, тој смета дека овој пристап е теоретски можен, но во пракса носи неколку предизвици.
– Доколку новите инвестиции не доаѓаат во истите сектори каде што се случува затворање на работни места, може да настанат проблеми со преквалификација на работната сила. На пример, ако производствените погони во автоиндустријата се затвораат, а новите инвестиции се во ИТ или енергетиката, процесот на вработување нема да биде автоматски. Додека повлекувањата на европските компании се веќе факт, новите инвестиции се во фаза на најави. Доколку овие најавени инвестиции не се реализираат во краток временски период, економијата може да се соочи со привремени проблеми со вработеноста и економскиот раст. Ако Владата се потпира на значителни субвенции за да привлече странски инвестиции, тогаш економскиот ефект може да биде ограничен, бидејќи финансискиот товар ќе падне врз буџетот, појаснува економскиот аналитичар Бауш.
Посетата на Мицкоски во Вашингтон може да биде индикатор за обид Македонија да ја продлабочи економската соработка со САД.
-Американските инвестиции во регионот традиционално се помали во споредба со европските, но постојат неколку фактори што може да ја зголемат нивната улога. САД сè повеќе се заинтересирани за стабилизирање на Балканот преку економски инструменти. Ако Вашингтон гледа на Северна Македонија како стратешки партнер, можни се нови инвестиции во инфраструктурата, енергетиката и дигиталниот сектор. Доколку земјата забави со европската интеграција, Владата можеби ќе се обиде да компензира со американски инвестиции. Сепак, ова е ризичен потег, бидејќи САД не нудат грантови и развојни фондови како ЕУ. Американските компании имаат повисоки барања за транспарентност, владеење на правото и корпоративно управување. Доколку Македонија не успее да ја подобри својата деловна клима, американските инвестиции можеби ќе останат ограничени, смета Бауш.
Според експертот, досегашната стратегија на Владата за привлекување странски инвестиции е амбициозна, но сè уште недоволно структуирана за долгорочен одржлив развој. Недостатокот на европски инвестиции и повлекувањето на одредени компании укажуваат на потреба од сериозна анализа на економската политика и подобрување на деловната клима. Американските инвестиции може да претставуваат нова можност, но не можат целосно да ја заменат улогата на ЕУ како економски партнер. Најавените инвестиции мора да се анализираат не само од аспект на нивниот финансиски обем, туку и по однос на нивната реална имплементација и влијание врз локалната економија.
Б.С.