Најголемото руско наоѓалиште за гас се запали откако во четвртокот рано наутро пукнала цевка.
„Гаспром“ соопшти дека пожарот избувнал околу 2.30 часот во полето „Урегојскоје“ во регионот Јамало-Ненец во Сибир.
„Урегојскоје“ е најголемото активно наоѓалиште на гас во светот, чии резерви најмногу се испраќаат во Европа.
На снимката се гледа како пламенот пламнува на небото пред да се изгасне пожарот околу 4:00 часот, објави „Дејли мејл“, додавајќи дека гасното поле „Урегојскоје“ ја снабдува Европа преку гасоводот Јамал-Европа и дека пожарот ќе ги разгори стравовите од прекин на набавка и поскапувања во енергетската криза.
Весникот потсетува дека последен пат кога пожар го зафати тој регион, во август минатата година, имаше значителен пад на производството и пораст на цените.
Новиот пожар настанал во преработувачки капацитет низ кој поминуваат големи количини природен гас на пат кон Европа. „Гаспром“ соопшти дека се уште се анализира степенот на штетата, но дека нема прекини во набавките.
– Пожарот се случи на 16 јуни во 2.30 часот. Немаше жртви. Пожарот е изгаснат во 4.00 часот – изјави портпаролот на компанијата.
Ова е последен во серијата пожари на клучни руски инсталации среде инвазијата на Украина, па ваквите инциденти доведоа до сомневања за саботажа.