Страшната и опасна ноќ на режимот

од Nikola Popovski
213 прегледи

Колку оваа октроирана власт е опасна дури и по самата физичка индивидуална и колективна егзистенција на секој од нас што живее во овој режим најдиректно можеше да се види и доживее предминатата ноќ. Не постои поинаков рационален и логички начин за интерпретација на таа страшна и опасна ноќ за државата и обичниот народ освен дека произлегува од епската, историска неспособност и веројатно понижувачките коалициски договори (со други зборови, политичко слугување кон ВЛЕН), и се разбира, можеби дури и првенствено, од бескрупулозната волја за задржување на дебело платените функционерски фотељи на оние од мицковистичко ДПМНЕ. Вџашувачки и крајно застрашувачки е тоа што нема граници, очигледно, ете видовме, до кои не може да стаса нивната политичка сервилност кон коалициските Меџити, Билал Касами, Гаши и Таравари (оние од Знам веќе одамна е бесмислено и да се споменуваат како некаков важен политички фактор). Не постои начин да се објасни а камоли  одбрани тоа отсуство на институциите на државата таа страшна ноќ, тоа присуство на масовен страв кај обичните луѓе – таа ноќ ние бевме препуштени сами на себе, без држава и институции на системот кои сами по себе се основани токму и за заштита на јавниот ред и мир. На многу улици низ македонските градови дивееја толпи кои блокираа улици, кинеа знамиња, палеа знамиња, кршеле табли, оштетувале автомобили, и чии жртви на стравот беа обичните луѓе кои случајно се нашле на тоа место и во тоа време, додека полицијата и сите други безбедносни агенции никаде ги немаше, или пак, уште полошо, беа неми набљудувачи на тој хаос и немири. Знаеме дека огромните плати по министерствата и владата предизвикуваат конформистичко однесување на државните функционери и лажни патриоти кои за да ги излажат гласачите токму за да седнат на тие удобни фотељи (еве, пак се докажа, нема поголем доказ од самата таа ноќ!) дури јаваа и коњи кон славно Крушево, но дека до толку тие ќе го остават народот на опасност по нивните животи, тоа веројатно никој од нас не можеше да замисли дека е можно да се случи – а од режимот, според изјавите вчера, знаеле дека е можно да се случи! Тие свесно не оставија на милост и немилост таа ноќ.

И додека полицијата на мицковистичко дпмне, ВЛЕН и оние од ЗНАМ никаде ја немаше на улиците низ бројни Македонски градови кога беа најпотребни, додека многу обични луѓе беа  застрашени, ете ги вчера без срам и барем минимум чувство за одговорност претставниците на  режимот – со конфузни и самоконтрадикторни квази-објаснувања за тоа скандалозно, свесно оставање на народот во јавна опасност, и тоа повеќе часови. Очекувано, се јавија и дежурните и добро платени комичари наречени апологети на режимот со, како и обично, некакви теории на заговор, со некакви детски измислици за опозициски планови за дестабилизација и слични лоши вицови. Па, одамна сите кои не се дел од октроираниот режим знаат дека нема поголема дестабилизација од самата оваа нелегитимна и неспособна власт, дека самото нејзино опстојување е опасност за нас, обичниот народ – а тоа го доживеавме и предминатата ноќ, го доживеа секој обичен човек. Нема план за дестабилизација на удобните фотељи за кои всушност се загрижени бројните користољубиви функционери од режимот; планот нека си го бараат во нивната инхерентно опортунистичка логика на функционирање на оваа клика на режимот, на партиските агенди на Влен и мицковистичко дпмне, што сето заедно доведе до нефункционална држава и недејствување на партизираните институциии. Народот има план да ги порази со демократско гласање на предвремени избори, и ништо друго.

До пред конституирањето на овој режим, тотално оттуѓен од народот и опасен за него, обичните луѓе веруваа дека институциите на системот на државата се деперсонализирани гаранти и сервиси на физичкиот и општествено-политичкиот живот на индивидуата, апарат за заштита на правата и слободите на граѓаните. Од предминатата ноќ тоа повеќе не важи, дури и најголемите скептици кон фактите за тоталитарниот режим гледајќи ги страшните сцени на палење и газење на државното знаме веројатно се уверија дека оваа држава и институциите се дестабилизирани од самата управувачка клика на државата. Бројните негативни последици од таа страшна ноќ која за среќа не се претвори и во вартоломејска ноќ за обичните луѓе брзо ќе ги почувствуваме сите ние, пак обичните луѓе – сите ние кои не сме припадници на режимот. Каква ЕУ, какви странски инвестиции, каква слобода и демократија може да има после таа ноќ, со оваа власт на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ?! Па, од квалитетот и ефективното функционирање на институциите на системот, како клучно олицетворение на самата држава, во најголема мерка зависат речиси сите битни параметри на состојбите и можностите за севкупниот развиток на државата. Каква иднина имаме ние со овој режим кој ја дозволи таа страшна ноќ?!

Впрочем, ете го одговорот зошто и до денес со оваа октроирана власт Македонија на некој начин повеќе не е ниту држава во вистинска смисла на зборот. Институциите на системот се државата, а самиот поим држава подразбира почитување на законите, Уставот, јавен ред и мир, владеење на правната држава за сите и насекаде на територијата на државата и еднаквост пред законите, каде што има ефективни институции кои функционираат исклучиво во полза на народот, граѓаните.  Имаше ли такво нешто таа страшна ноќ?! Не. И ете зошто со мицковистичко дпмне, Влен и Знам има многу ниско ниво на странски инвестиции, ете зошто во последните месеци многубројни центри на моќ изгледа започнаа да не третираат како „банана-држава“ која со скапи кредити ја вметнуваат во своите геополитички интереси, држава која за кратко време под нивна власт е се подалеку од основните критериуми воопшто и за помисла за преговори околу интеграција во ЕУ. Во ЕУ се примаат држави (Држави!), а не предполитички, предмодерни творби во кои владее законот на посилниот, на режимот, каде нема ниту минимум ефективни институции и владеење на законите! Каде што владее окториран диктаторско-тирански режим со кои, ете видовме, Македонија може да се претвори во обична територија – како по лекциите од „Левијатан“ на Томас Хобс. Ете, до тоа дереџе не донесе антинародното владеење на мицковистичко дпмне, Влен и Знам. И затоа денес највисока патриотска должност на секој обичен човек е да допринесе за што е можно побрзо паѓање на овој режим. После таа страшна ноќ, временски предалеку се чинат предвремени парламентарни избори заедно со локалните – секој изминат ден, секоја измината ноќ со овој режим е пад на Македонија и опасност дури и за животот на нас, обичните луѓе, народ.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини