Партијата Алијанса за Албанците (АА) попладнево преку соопштение ѝ одговори на ВМРО-ДПМНЕ. Од АА за „Локално“ „открија“ кој е меѓународниот фактор, за кој прашуваше најголемата опозициска партија.
-Стратешките партнери на РСМ, оние кои континуирано го поддржуваат нашето патување кон НАТО и ЕУ, очекуваат од нас да ја отстраниме последната бариера за отворање на преговорите за членство во ЕУ: уставните измени, порачаа од партијата на Арбен Таравари преку соопштение.
Според нив, секое друго сценарио води кон изолација, несигурност и нестабилност во време кога Европа е повознемирена од кога било, од Втората светска војна.
-РСМ нема друга алтернатива освен членство во ЕУ. Државниот разум треба да надвладее над политичките калкулации. На сите прозападни сили е да се заложат за конечно обединување на континентот. Жалиме што ВМРО-ДПМНЕ ја заборави својата понова историја и не научи од грешките. Изборните калкулации за стратешки прашања се политичка незрелост за партија која тврди дека е државотворник. Ги прашуваме ВМРО-ДПМНЕ, кои се тие сили или држави кои од нив го бараат спротивното од ова и спроведувањето на сценарија кои ја водат државата и регионот по опасен пат?, прашаа од АА.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа „Таравари да каже кој е тој меѓународен фактор што бара Алијанса да влезе во Владата“.
-Доколку Таравари премолчи и не каже значи дека Таравари не е искрен и има друга причина зошто сака да влезе во Владата, нагласи денес портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Претседателот на АА, Арбен Таравари вчера изјави дека постои можност за влез на неговата партија во владиното мнозинство бидејќи тоа го бара меѓународниот фактор, но и доколку граѓаните го побараат тоа од нив.