Во пукање во близина на синагога во Тунис загинаа двајца полицајци и двајца посетители, додека девет лица се ранети, соопшти туниската влада.
Злосторството се случи во вторникот за време на годишниот аџилак на островот Џерба, кој привлекува стотици Евреи од Европа и Израел.
Според медиумите, нападот го извршил чувар на воен објект во Џерба, кој прво со пиштол убил колега и му ја зел муницијата, а потоа се упатил кон синагогата.
Почнал да пука по случаен избор и убил двајца посетители и уште еден припадник на обезбедувањето, а ранил пет чувари и четворица посетители.
Туниското министерство за внатрешни работи соопшти дека напаѓачот потоа бил убиен од безбедносни службеници.
Меѓу убиените посетители има едно лице од француска националност, а другото е од Тунис.
Властите сè уште не го утврдиле мотивот за нападот, а „Ројтерс“ јавува дека исламските милитанти веќе изведувале напади на местото на аџилак во Џерба и на други локации.