Амандманите на бугарските пратеници Александар Јорданов и Сергеј Станишев, кои побараа да се избрише од препораките на Мешовитиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ дека се почитува македонскиот културен идентитет и се гарантира признавањето на македонскиот јазик беа отфрлени од мнозинството европарламентарци во Стразбур.
На изјавата на бугарскиот европратеник Јорданов, во која тој посочи дека треба да се промени македонскиот Устав за да отпочнат преговорите со ЕУ, пратеничката Соња Мираковска му реплицираше со зборовите:
– Вие на мене ниту на моите сограѓани никогаш не можете да им кажете дека зборуваат на погрешен јазик. Јас сум Македонка, зборувам на македонски јазик и живеам во Македонија која сега се нарекува Северна Македонија и тоа е мојот идентитет.
Таа додаде дека е потребно взаемно разбирање и почитување и дека не може Бугарија да им кажува на македонските граѓани дека тие зборуваат погрешен јазик. Мираковска го нагласи мултиетничкиот карактер на македонското општество кое е пример во Европа.
-Ги признавам моите сограѓани Албанци, Турци, па и Бугари ако ги има. Македонија е пример за мултиетничко општество. Овде се нашите колеги кои тоа можат да го потврдат. Се појави еден голем проблем поради нашето долго чекање, а тоа е земањето бугарски пасоши: за да се купи џип на почетокот, за да се отиде во Европа, нагласи Мираковска.
Македонската пратеничка, притоа образложи како македонски државјани земале бугарски пасоши и како е тоа проблем на Бугарија што треба да си го истражи.
-Поради нашето долго чекање за членство во ЕУ се појави проблем, а тоа е земањето бугарски пасоши. Прво беше тоа да се купи џип и да се оди во Евроча. Вие имате бугарски пасоши на македонски граѓани регистрирани на една бандера во град во Бугарија. Тие пасоши се на нелегален начин дадени и тоа треба да се истражува, тоа е ваш проблем, рече Мираковска.
Таа повика дека кризата која што претстои е можност луѓето да се погледат во очи и да си подадат рака.
-Оваа криза ќе е тешка за нас како мала земја, но ние сме навикнати на тешки услови. Кризата ќе биде потешка за другите, кои се навикнати поубаво да живеат. Ние долго време тешко минуваме и нашите граѓани минуваат тежок пат. Кога сте така научени, полесно ги минувате кризите. Но да се освестиме и да бидеме луѓе меѓу себе, за да можеме да се движиме по патот, нагласи Мираковска.