Стразбур отвори постапка во предметот на Апасиев против Џафери за одбивањето на референдум за францускиот предлог

„Европскиот суд за човекови права со нов шамар за Уставниот суд, прифатена апликацијата на Апасиев“, соопштија од Левица

од Nikola Popovski
40 прегледи Фото: Фејсбук/Левица

Левица ја информира јавноста дека Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, во прва фаза, ја прифатил апликацијата на лидерот на партијата, Димитар Апасиев против Република Македонија. За потсетување, станува збор за познатиот случај на одбивање на референдумската иницијатива на пратеникот Апасиев од страна на тогашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, во врска со парламентарните Заклучоци донесени за т.н. француски предлог.

„Професорот Апасиев, во жалбата до Стразбур, се повикува на член 1 од Протоколот XII (2000) и на член 14 од Европската конвенција за заштита на чoвековите права и основните слободи, односно на општата забрана на дискриминација, а во врска со член 10 (Слобода на изразување) и член 11 (Слобода на собирање и здружување) од ЕКЧП.

За осуда е тоа што претходно, сите редовни домашни судови се прогласија за ненадлежни да постапуваат по овој предмет, а Уставниот суд на РМ – дури по три години од поднесување на првичното Барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот, истото го одби со паушално и правно неиздржано образложение. Со овој правен преседан, уште еднаш се покажува нестручноста и слабиот правен капацитет на уставните судии, кој воопшто не ја следат, ниту применуваат јудикатурата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), што само по себе е поразително и недозволиво“, порачуваат од Левица.

Партијата обзнанува дека правната битка за овој, но и за другите случаи – како што е оној за цензурата врз нејзе на последните локални избори, спроведена од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), исто така ќе ги изнесе пред Европскиот суд за човекови права и очекува позитивен исход од истите.

-Истовремено, бараме правна и политичка одговорност за сите инволвирани во ваквото еклатантно кршење на човековите слободи и права на левичарите, стои во партиското соопштение.