Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека на 26.02.2026 година Европскиот суд за човекови права донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот Фитим Муслиу против Северна Македонија (апликација бр. 43315/22), поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудено лице било физички нападнато и тепано од припадник на затворската полиција пред кантината во КПД Идризово. Како последица на нападот, апликантот се стекнал со телесни повреди.
Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела „Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување (член 142 став 1 од КЗ), Малтретирање во вршење на службата (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК.
Пред Судот во Стразбур, апликантот се жалел на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од страна на затворски службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
Во доставената унилатерална декларација, Владата признала дека имало повреда на правата на апликантот гарантирани со Европската конвенција за човекови права. Апликантот укажал дека не биле конкретизирани мерките за обезбедување во согласност со Конвенцијата, ниту биле предвидени активности за надминување на структурните проблеми поврзани со нечовечко постапување и неефикасни истраги во затворите. Судот посочил дека оваа одлука не ја ослободува државата од обврската да спроведе истрага во согласност со барањата на Конвенцијата, имајќи го предвид признанието на повредата на правата заштитени со член 3 од ЕКЧП.
-Оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица.
Ја поздравуваме одлуката на Судот и потсетуваме дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на лицата лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи се под целосна контрола на властите. За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица, велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права
Линк до одлуката https://hudoc.echr.coe.int/?i=001-249030
Оштетениот беше застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП. Предметот беше воден во рамки на проектите „Елиминација на тортурата и нехуманиот третман во затворите и установите за лишување од слобода “ и „Борба со тортурата и нехуманиот третман“, поддржани од Европската Унија, а имплементирани од Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права.