Ние сме силни поддржувачи на преговорите за пристап во Унијата, не само на Северна Македонија, туку на целиот Балкан. Секогаш сме биле гласноговорници за што побрзо признавање и препознавање дека се исполнети сите услови и критериуми да се започнат преговорите за пристап што побргу. Долго чекавте, моравте да направите многу согласности – Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и среќни сме што има напредок во моментов, но имаме чувство дека ова многу чинеше, рече европратеничката од Зелените/Групата на ЕСА Тинеке Стрик , додавајќи дека тоа скапо не чинеше бидејќи „целиот процес се загади со билатерални прашања“.
Поради тоа, според неа, се предизвика длабока поларизација на општеството. Стрик истакна оти сакаат лично да видат како може да ги поддржат идните чекори на државата за овој процес да се врати на правилните „шини“, а да не биде оптоварен со други непредвидливи барања на патот кон Унијата.
-Македонскиот идентитет и јазик не може да бидат порекнати во Европа. Целосно го препознаваме тоа и го поддржуваме и затоа сме гласни говорници во Европскиот парламент. Ќе имаме нов годишен извештај за Северна Македонија и ќе ја вклучиме оваа изјава многу јасно во извештајот, посочи Стрик и додаде оти е редно време и други земји членки на ЕУ да извршат притисок врз Бугарија со цел да се уверат дека барањата ќе се намалат.
Европратеничката нагласи оти се уште е потребна правилна примена на законите со цел да се осврнеме на корупцијата, владеењето на правото и многу прашања кои неопходно треба да бидат подобрени.