Многу ми е мачно, што очајните, бесните, гневните и длабоко исфрустрираните македонски граѓани, со право разочарани од тридецениското владеење и управување на политичките касти и елити од левицата и од десницата, својата утеха и политичко канализирање на својот електорален глас го (про)најдоа во тој што номинално се смета водач на „автентичната Левица“ кај нас, а во суштина е предводник на наци-квазисоцијалистичката десница.
Идолопоклоникот на Максимилијан Робеспјер, предводникот на Јакобинската диктатура во постреволуционерна Франција, е човек за кој Петар Богојески луцидно и многу точно констарита: „сите сме деца на транзицијата, ама врз ова, таа оставила трајни последици!“ И тоа психосоматски, за кои ниту конзилиум од најдобрите светски психијатри, ќе немаат одговор.
Знае ли за работа во приватен сектор?
Јас ја знам, фрустрацијата на еден македонски маестрален студент, потонат во ендемската сиромаштија, стејачската транзиција и приватизација на господинот Бранко, од која и двајцата родители ќе ви останат буквално „на улица“, но дали таа клета македонска судбина ја делите само вие, како (пост)транзициски извонреден студент на Правниот факултет (фамозните 10.00 просек), или како вас има илјадници и илјадници такви студенти, на многу други условно кажано потешки факултети, не знам, но едно знам: на ваши дваесет и две години, не е умесно, доколку сте физички здрав и прав, интелектуално и тоа како натпросечен, да чекате вашата стара баба да се отсрами и да побара еб*ни двесте денари ( да го искористиме неговиот патетичен плачикарикатурален вординг) од комшиката, за да ви дала да отидете до Скопје, бидејќи „учело детето“. Е добро де, можело да учи и да работи. Што е тука толку чудно, срамно, несвојствено или нетипично?! Илјадници такви примери имаме од млади студенти од внатрешноста кои паралелно учат ( студираат) и работат за да се издржат бидејќи нивните родители ги немаат финансиските возможности да им обезбедат студии во Скопје. А децата учат.
Колку празни тезги, слободни конобарски и шанкерски работни места имало , за да не мора вашата баба да се отсрамува кај комшивките за да ви даде двесте денари, за тоа ич не станува збор?! Или пак „вистинските левичари“, не работат и не знаат да работат во приватниот сектор? Тие само сакаат „државата“ да ги вработи согласно нивните образовни квалификации, на државни јасли, и да имаат заштеди од 300.000 евра во банката на Газда Трифун, бидејќи таму каматните стапки се најповолни? Да, да во банки ги чуваат стотиците илјади евра, денешните жртви на транзицијата од олигархиската приватизација на господинот Бранко, тие капиталистички сефови на македонската напатена и намачена транзициска душа. Јас не ја знам дијагнозата на македонскиот Робеспјер, ниту пак сакам да ја знам, но вистинскиот француски Робеспјер метарморфозираше од млад, високо интелигентен, идеалистичен и амбициозен општественик во параноиден и бескрупулозен тиранин. На власт. Овој нашиов, ваквата метаморфоза ја доживеа во опозициски денови. Но има и нешто добро и позитивно во целата оваа трагикомична, нова испилена фигура на македонската политичка сцена.
Лек за души полни омраза-нема!
Како и секој душевно болен вожд тиранин (Хитлер, Сталин,), така и нашиов веќе не резонира со рациото, туку го водат емоциите. Оние душевноболните. Па така, на очиглед на целата македонска јавност, се посрамоти пактирајќи и коалицирајќи барем за еден ден со партиите на опозициските етничкоалбански партии ( како познат албанофоб и албаномразец), сметајќи дека на тој начин во својот егзалтирачки занес ќе го сруши „хибридниот режим“ на СДСМ и ДУИ.
Не сфаќајки дека е еден обичен палјачо и карикатурален кловн, кој има само сила позади тастатурата. А сфаќајки дека долгата рака на меЏународната заедница е многу помоќна од неговите смешни прстиња, нашиот Робеспјер корумпираниот , ден потоа веднаш го истури својот бес и гнев, врз пратеникот на инстант коалицискиот партнер Алијанса за Албанците, Скендер Реџепи, нарекувајќи го „балист“, бидејќи егото и суетата на оваа жално несреќна и болна душа се поголеми од вкупниот збир на суетите и егата на Бранко Црвенковски и Никола Груевски заедно. Кога го споменавме овој последниов, политичкото и (де)хуманото битие на велешкиот Робеспејр многу напомнува на тоа на Груевистичкото, полно со омраза. Всушност омразата, а не љубовта е нивна звезда водилка за се низ животот. За такви лек нема, ниту ќе се измисли. Можеби смртта е најдобар. Таму би го пронашле душевниот мир. И спокој. Колку и да звучи бизарно и неблагодарно. Сепак, жално, но толку вистинито.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.