Струја ќе има, но ќе мора да се штеди, велат надлежните

од Берта Китинска
259 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека Економскиот совет ќе ги разгледа барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите и штом ќе ги имаат пресметките, Владата ќе интервенира во тој дел.

– Во однос на намалувањето на ДДВ-то, тоа е веќе намалено за електричната енергија. Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија, изјави Ковачевски.

Бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат

Премиерот посочи и дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот и упати апел до надлежните да произведуваат струја која „ќе завршува како помош во стопанството”.

– Апелирам до надлежните… да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените. Да се зафатат за работа, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно, изјави Мицкоски.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски пред неколку дена изјави дека поскапувањето на струјата од јануари ќе биде „благо“ и дека тој не сака да шпекулира со бројки.

-Кризната состојба се носи за полесно да се надминат предизвиците. Сега е потребна, да се подготвивме, за да можеме да ги примиме сите удари. Успешно како и минатата година. Уште од сега се знае дека ќе има поскапување од јануари. И не само кај нас. Јас сакам поскапувањето за граѓаните да биде најниско што е можно. Не можам да шпекулирам со бројки. Блок тарифите ја завршуваат работите, вели Ковачевски.

Според него, нема земја во Европа којашто не донела мерки за штедење, но тоа не значело дека не може да се произведе доволно енергија.

-Туку да можеме да зачуваме енергија за потешките месеци. Мора секој да штеди, почнувајќи од семејствата. За да имаме кога ќе ни биде попотребна. Ние никогаш не сме произведувале 100 отсто струја. Ние сега произведуваме 25 отсто плус од минатата година. Останатиот процес се набавува на слободниот пазар и таа струја е поскапа, додаде Ковачевски.

Кризна состојба од 1 септември

Од почетокот на септември стапуваат на сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година.

Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Македонија. Компанијата, како што неколкупати досега изјави генералниот директор Васко Ковачевски, работи со максимален капацитет и во функција ќе бидат ставени сите расположливи капацитети.