Студен туш од пекарите и млечните производители: Поефтинувањето на лебот и сирењето не зависи само од субвенционираната струја

од Vladimir Zorba
622 прегледи

Мали се надежите дека овозможената субвенционирана, фиксна цена  од 80 евра за мегават час ќе ги намали цените на голем дел од прехрамбените производи. Стопанствениците од пекарската индустрија не го споделуваат оптимизмот на владата за снижување од барем 10%, посочувајќи дека формирањето на цената на лебот е комплексно прашање кое не е условено само од износот на сметката за електрична енергија. Во оваа насока е и нивниот аргумент според кој сите производители на леб и пецива не печат на струја.

„Нашиот најголем производител на леб- Жито Лукс користи печки на гас, а ова е случај и со останатите големи производители. Дел од пекарите имаат поставено фотоволтаици, а некои имаат печки на дрва“, вели за Локално, Марјан Митревски- сопственик на пекара и член на Занаетчиската комора Скопје.

Како услов за стабилна цена на пекарските производи, Митревски ја посочува потребата од интервенција и помош на државата во делот на домашното производство на жито. Сегашната ситуација во која Македонија е во голем процент зависна од увоз, е проблематична со многу негативни последици. Оттука, според него, првиот фактор кој влијае врз тоа колку ќе чини векна леб е цената на лебното брашно кое нашата држава го увезува.

Работите би биле многу поинакви доколку имаме наше брашно и државни резерви на жито кои по поволна цена би можеле да се измелат во домашните  мелници. За жал, ситуацијата е сосема различна бидејќи немаме доволно посеано жито на нашите ниви“, вели Митревски.

Во прилог на аргументите како се формира цената на лебот посочува неколку едноставни математички пресметки. Колку ќе чини векната најмногу зависи од  брашното кое како што вели  само пред еден месец изнесувало 28 денари (тип 500), а сега изнесува од 32 до 34 денари. Поскапен е и квасецот и тоа  за 20 денари и сега чини 75 денари, а важен фактор е и маслото за јадење. Во вкупните калкулации влегуваат и платите, особено  по покачувањето на минималната плата.

Слични се размислувањата и на стопанствениците во млечната индустрија.

Верувам дека во Јануари можат да се намалат цените на некои прехрамбени производи, но само таму каде што струјата учествува со поголем процент во процесот на производство“, изјави за Локално, Касам Зендели –сопственик на компанијата Екошар.

Во однос на неговиот бизнис- производство на млечни производи од тврда програма, струјата учествува со само 3 %. Оттука, како основен фактор кој ја условува цената на сирењето Зендели ја посочува суровината, односно свежото млеко коешто го откупуваат. Во моментов едно литро чини 30 денари, или 8 повеќе од периодот кога компаниите со Владата преговараа за субвенционирана струја.

Фиксната цена  од 80 евра за мегават час единствено може да помогне да не ги покачиме цените на нашите производи, а не да ги намалиме“, категоричен е Зендели.

Според компаниите во месната индустрија, снижувања за над 10 отсто се можни кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини.

Ставот на Стопанската комора на Македонија е дека  секоја компанија ќе ги намалува цените на производите зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ,  но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти. Од таму посочија дека тоа не е случај зашто во изминатиот период, почнувајќи од 2021 година и особено со почетокот на украинската криза, суровините се во постојан раст.

Очекувањата на  министерот за економија Крешник Бектеши  пак се дека ќе има намалување на цената на основните прехранбени производи од 5 до 13 отсто. Како позитивен сигнал го посочи фактот дека веќе почнал трендот на намалување на цените на одредени производи, особено  на лебот, млекото, млечните и на некои месни производи.

К.В.С.

Слични содржини