Студентите излегоа на протест против измените на Кривичниот Законик

од Radmila Tasevska

Пред Владата на Република Северна Македонија денеска на протест излегоа студенти од државава кои се против донесените измени на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат помали затворски казни за функционери.

– Бараме да се врати правото, да се почитува како што треба и да има правда, изјави студентот, Лазар Симонов.

Студентите бараат да се анулираат измените на Кривичниот законик кои беа донесени неодамна. Бараат, како што велат, правдата да ги стигне сите оние кои придонеле за огромната недоверба во правниот систем.

Според нив, на Македонија ѝ е потребна нова генерација правници.

– Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава, порачаа тие во најавата за протестот.

Бараат одговорност и порачуваат да не се злоупотребува европското знаменце.

– Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања. Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме  правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем, стои во најавата за протестот.

Слични содржини