Студентите во Белград го блокираа Министерството за државна управа, бараат отворање на избирачкиот список

од Nikola Popovski
248 прегледи

Една недела по изборите, околу стотина студенти се собраа пред српското Министерство за државна управа и локална самоуправа во центарот на Белград, барајќи да се истражат неправилностите во избирачкиот список и сомнежите за кражба на гласови.

Бидејќи Министерството не одговорило на нивното барање, најавија блокади во Белград.

-Сите кои предизвикуваат нереди ќе одговараат кривично, соопшти српската полиција.

-Нема да се толерира какво било насилство, блокада на сообраќајот, мостови кои носат немири и го нарушуваат нормалниот живот на граѓаните, изјави началникот на Управата на полицијата, Ивица Ивковиќ.

Српските медиуми објавија дека насобраните луѓе тропале со тенџериња, се слушале свирежи, а дел од студентите на големи парчиња хартија ги испечатиле „личните карти“ на дел од претставниците на власта каде покрај личните податоци напишале и „ афери кои траат секој ден“.

Неколку десетици студенти од Нови Сад им се придружиле на демонстрантите во Белград.

„Ќе ги поддржиме нашите колеги студенти во Белград затоа што сме ограбени, како народ, тоа е голема неправда за која луѓето молчат долго време“, рекла 21-годишната Екатарина Ковачев, студентка на Филозофскиот факултет во Белград.

Меѓу насобраните се лидерите на опозициските партии Срѓан Миливојевиќ, Александар Јовановиќ Ќута, Добрица Веселиновиќ, како и поранешниот премиер Зоран Живковиќ.

По изборите на 17 декември, најголемата опозициска листа „Србија против насилството“ ја обвини владата за кражба и ги повика приврзаниците на протести.

Протестите биле мирни до недела, 24 декември, кога лидерите на опозицијата се обидоа да влезат во градското собрание на Белград, што предизвика судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Тогаш беа уапсени 38 лица, а беа повредени и демонстранти и полицајци.

Домашните и меѓународните набљудувачи пријавија „нерегуларности“ во текот на изборниот процес, како што се купување гласови и носење гласачи од надвор да гласаат на локалните избори.

Власта ги отфрла сите обвинувања како „лаги“ и ги нарекува изборите „најчисти досега“.

Фото: BBC

Слични содржини