„Студентите во Блокада“ денеска во Белград им оддаоа почит на 59-те лица настрадани во дискотеката во Кочани и на 15-те жртви од уривањето на настрешницата во Нови Сад со 74-минутно молчење пред Амбасадата на Македонија.
Студентите положија венци и запалија свеќи пред Амбасадата, а им се придружија и граѓани кои исто така оставија цвеќе и запалија свеќи.
Студентите кои ги блокираат факултетите во Нови Сад ги повикаа сите граѓани да присуствуваат на денешниот митинг на Плоштадот Слобода, каде ќе им оддадат почит на трагично загинатите во Кочани. Оддавањето почит ќе биде во 18 часот.
„Во тишина и заедништво ќе запалиме свеќи и ќе положиме цвеќе во знак на сеќавање“, наведоа новосадските студенти.
Претходно денеска студентите протестираа пред градското собрание и развирија транспарент на кој пишуваше „Седница на ден на жалост“, по што положија венец за загинатите во Кочани.