Новоформираното студентско движење „Студентски отпор“ соопшти дека не се задоволни од постигнатиот договор меѓу студентите и Владата за добивање на студентски оброк по старите критериуми.
Тие информираат дека како студенти остануваат на нивните барања:
1. Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно;
2. Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;
3. Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;
4. Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја;
-Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и ве повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот. Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија, стои во објавата на „Студентски отпор“.
Вчера преку конструктивен дијалог со студентските здруженија, министерството за образование и пратениците се изнајде заедничко решение во однос на студентскиот оброк.
Студенти од повеќе факултети вчера протестираа пред Собранието и со транспаренти искажа незадоволство од условите во студентските домови и скромните оброци што ги добиваат.