„Студентски отпор“: Нема да молчиме додека се гази правото на бесплатен јавен превоз

од Nikola Popovski
15 прегледи

Министерството за образование и наука и ЈСП Скопје нека бидат свесни – студентите нема да молчат додека нивното право на бесплатен јавен превоз се гази поради нечија неспособност и суетност, се вели во реакцијата на „Студентски отпор“.

„Укинувањето на бесплатниот превоз е директен напад врз секој студент кој секојдневно се бори со нискиот студентски стандард и високите трошоци. Неуспехот на МОН да го исплати долгот е уште еден доказ дека оваа власт нема капацитет да ги решава вистинските проблеми на младите. Ако не се врати бесплатниот превоз веднаш, студентите ќе излезат на улиците! Нема да дозволиме образованието и пристапот до него да бидат жртва на некадарноста на властите. Борбата почнува сега“, истакнаа од организацијата на студенти.

Вчера од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ соопштија дека веќе испратиле апел до Владата, Град Скопје, Министерството на Град Скопје и ЈСП Скопје да се произнесат јавно дали се предвидени средства и дали јавниот градски превоз за студентите ќе биде бесплатен. Според Александар Николоски, претседател на студентското собрание, билетите не се продолжуваат на билетарниците на ЈСП за 2025 година, а од друга страна, МОН вели дека се предвидени средства.

Николоски вели дека ќе чекаат одговор од институциите и доколку тоа не се случи, студентите ќе преземат соодветни мерки со кои ќе го искаже својот став дали е смешно студентите да немаат бесплатен превоз, доколку таа веќе е обезбедена 10 години од страна на Владата.

-На дел од студентите им кажуваат дека нема да има градски превоз. Од страна на ЈСП рекоа дека се уште се чека одлука од Град Скопје. Од МОН одговорот е дека има средства, кажа Николоски.

Очекуваат одговор во текот на наредната недела.

-Една од опциите е да протестираме пред сите институции, а другата е активно да комуницираме и пристикаме мерката да продолжи. Ако МОН предвидела средства, треба заедно со Град скопје да се договорат што ќе прават со заостанатиот долг, а тековно да си продолжи мерката за студентите, кажа претседателот на Универзитетското студентско собрание.

Слични содржини