Студија: Децата со поголема веројатност да се заразат со омикрон преку носот

од Nikola Popovski

Варијантата на омикрон може да биде поефикасна во инфицирањето на децата преку нос од претходните верзии на коронавирусот, укажува мала студија.

Порано за време на пандемијата, носната слузница кај децата беше поотпорна на вирусот што го предизвикува Ковид-19 отколку кај возрасните.

Студиите на оригиналниот SARS-CoV-2 и некои од неговите варијанти открија дека вирусот наидува на посилен имунолошки одговор во клетките на носот кај децата отколку кај возрасните, каде што тоа не беше случај. Кај децата, вирусот бил помалку ефикасен во правењето копии, пренесува Ројтерс.

Неодамнешните експерименти со епрувета со мешање на вируси и назални клетки од 23 здрави деца и 15 здрави возрасни лица открија дека антивирусната одбрана во носот на децата „била значително помалку изразена во случајот со омикрон“, објавија истражувачите во „PLOS Biology“.

Тие исто така известуваат дека омикронот поефикасно се реплицира во клетките на носната слузница на децата во споредба со делта и оригиналниот вирус.

„Овие податоци се во согласност со зголемениот број на педијатриски инфекции забележани за време на бранот омикрон“, напишаа истражувачите, повикувајќи на дополнителни студии.

Слични содржини