Луис Суарез во петок ќе го одигра последниот натпревар за репрезентацијата на Уругвај.
Уругвај се среќава со Парагвај во петок, а на многу емотивна прес-конференција Луис Суарез го најави крајот.
На 142 натпревари, Суарез постигна 69 гола и е најдобар стрелец на националниот тим. Повеќе настапи за репрезентацијата од Суарез има само Диего Годин кој одигра 161 натпревар.
За четири месеци Суарез ќе наполни 38 години. Договорот со Интер Мајами ќе истече и пред тоа, на крајот на календарската година.
„Тешко ми е да го кажам ова. Но, ова ќе биде мојот последен натпревар за Уругвај“, изјави Суарез на прес-конференција.
„Размислував, анализирав сè. Времето е вистинско. Имам свои причини, но тешко е… Многу тешко“, продолжи емотивниот Суарез.
„Последниот натпревар ќе го одиграм со истиот ентузијазам како и првиот што го играв во 2007 година. Со ентузијазам на 19-годишно дете. Ќе дадам се, така ме учеа. Имам 37 години и тешко ќе стигнам до следното Светско првенство“, изјави Суарез едвај задржувајќи ги солзите.
Суарез играше на четири Светски првенства (2010, 2014, 2018 и 2022 година), а со националниот тим ја освои Копа Америка во 2011 година.