Суарез: Сакав да останам во Атлетико, приоритет е да продолжам да играм во Европа

од Vladimir Zorba
292 прегледи

Луис Суарез го напушти Атлетико Мадрид и стана слободен агент, но се уште не е јасно каде ќе ја продолжи кариерата. Уругвајскиот напаѓач беше специјален гостин во емисијата El Larguero на Cadena SER и призна дека добил многу понуди, но во оваа фаза не застанал на ниту една од нив.

„Верувајте ми, се уште не сум одлучил каде ќе бидам следната сезона. Имам многу предлози. Ме бараа клубови од Аргентина, Бразил и Мексико, но сакам да продолжам да се натпреварувам на највисоко ниво. За мене приоритет е да продолжам да играм во Европа“, изјави Суарез.

„Сакав да останам во Атлетико уште една година. Знам колкав е обемот на работа, но мислам дека би можел да се справам со тоа. Дознав дека клубот нема да ме задржи од шефот на секторот за медиуми ден пред моето збогување. Не разговарав со Диего Симеоне или Андреа Берта. Благодарен сум на навивачите за начинот на кој ме испратија. Тие го ценат тоа што го направив во овие две години“, беше искрен Уругваецот.

„Во Барселона бев навикнат да се смеам на тренинг. Во Атлетико нема смеа, мора постојано да се докажувате. Го избрав овој тим затоа што направи да се чувствувам посебно. Видов колку очајно сакаат да победуваат и знаев дека можам да помогнам со моите голови“, објасни Суарез.

„Мојата најстара ќерка ја поддржува Барса, но двете мали деца убиваат за Атлетико. Ќе постават ли плоча со моето име пред Ванда Метрополитано? Ми рекоа дека треба да се разгледа ова прашање и ги замолив да го сторат тоа“, изјави 35-годишниот напаѓач.

Запрашан дали Карим Бензема најмногу заслужува да ја освои Златната топка, тој одговори: „Како настап во текот на сезоната – да. Кога Карим го постигна првиот гол на Челси, станав од маса за да аплаудирам. Го сакам фудбалот. Левандовски и Салах исто така имаат силна година, но за мене Меси секогаш ќе биде најдобар во светот“.

„Многу страдав кога Меси ја напушти Барселона. Не го очекував тоа. И тој беше изненаден што клубот не можеше да му го продолжи договорот. Претходно ми кажа дека за неколку дена повторно ќе потпише. Можеме ли да играме заедно во Мајами? Се надевам. И двајцата добро се согласуваме на теренот и надвор од него“, призна Суарез.

„Непријатните спомени од разделбата со Барса веќе ги оставив во минатото. Тие тврдеа дека повеќе не сум на потребното ниво. Бев разочаран, но решив дека треба да докажам колку вредам. Ќе бев многу среќен да ја освојам Лигата на шампионите со Атлетико“, изјави Уругваецот.

„За кој тим ќе навивам во финалето на Лигата на шампионите? Секогаш сум за моите поранешни клубови“, истакна напаѓачот, а на прашањето дали офанзивното трио Меси – Суарез – Нејмар е најдоброто во историјата, тој одговори: „Бројките зборуваат сами за себе…“

Слични содржини