Субверзивен фронт: МПЦ да не оди спротивно од христијанските вредности и да не ги суди граѓаните според класата

од Nikola Popovski
260 прегледи

Здружението за сексуални и родови малцинства „Субверзивен фронт“ објави реакција по повод овогодинешното велигденско послание на МПЦ.

Посланието преку своето обраќање дава осврт на пандемијата, пописот, но и образовните реформи. Од Субверзивниот Фронт велат дека се разочарани и загрижени, поради текстот во велигденското послание, конкретно во делот „Возљубени во Христа Воскреснатиот“.

Оттаму потенцираат дека се шокирани од начинот на кој МПЦ, која почива на толерантност, духовност, човекољубивост, и би требало да го обединува народот, директно ги дели луѓето на „мнозинство и малцинство“.

„На верниците од малцинската група која директно ја напаѓате, и праќате порака дека е помалку вредна, и ја исклучувате и ја судите пред најголемиот христијански празник. Со тоа што ги делите верниците на повеќе вредни и помалку вредни, им го одземате правото еднакво да го чествуваат овој празник“, велат од здружението.

Тие посочуваат дека МПЦ обвинува за менување на културен и духовен идентитет, додека истовремено институцијата ја тресат скандали.

„Вашата институција ја тресат скандали, од „зградите во центар“, до „лекувањето во приватни клиники“, додека сите верници, и оние од „мнозинството“, но и тие од „помалата група“, ги губат животите во државните болници. Бараме одговор, на што вие ги насочувате децата, гледајќи ве вас, додека нивните родители, баби и дедовци, се борат за живот и умираат во државните болници. Вие, кои зборувате за вредности и земате право да судите и да ги класирате во „несоодветни и недостојни“ од кои се „разнебитувала личноста“, вложувате милионски суми во изградба на згради, иако вашиот начин на живот треба да е духовното, и откажување од материјалното“, истакнуваат од „Субверзивен фронт“.

Па додека го набљудувате народот далеку од него, сегрегирани според класи, во приватните болници и луксузните станови, зборувате за „отворено општество во кое немало место за Црквата и Бога“, се вели во реакцијата.

„Драги духовни водачи, место за Бога има во секој од нас, и немате право тоа да ни го одземате, без да живеете рамо до рамо со овој народ и да ги видите предизвиците со кои се соочува. Ние ѝ простуваме на Црквата, бидејќи е човечки да се прости, но истовремено се надеваме, дека сите вие кои стоите позади Црквата, ќе излезете да го видите овој народ кој сака подобра, поквалитетна и побезбедна иднина, и нема да го делите, и да предизвикувате омраза, раздор или нетрпеливост врз било која основа, бидејќи иако не сме еднакви со вас, сепак, и за вас важи Кривичниот законик и членот 319“, велат од здружението.

Од здружението напоменуваат дека кај нив постои надеж дека во иднина, МПЦ нема да оди спротивно од христијанските вредности, да ги суди граѓаните според класата, бидејќи во верските институции се влеваат граѓанските даноци, но и пари од буџетот кои во време на светска криза не завршуваат во малите бизниси и тие пропаѓаат.

„На што ги насочивте тогаш децата, чии родители ги изгубија работните места, и немаа средства да им обезбедат пристоен живот, додека вие ги обезбедивте вашите плати за кои немаме ни увид колку се високи. Со огромно разочарување од вас, ја праќаме оваа реакција, и ви посакуваме среќни празници и повеќе разбирање, кое е основа на христијанските вредности“, стои во реакцијата.

Слични содржини