Судењето за „Империја“ одложено за 20 март

од Nikola Popovski

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одложи судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.

Судењето беше одложено поради барање на одбраната да ѝ се даде време за разгледување на листата на докази добиена неодамна, како и да им се достават други докази, за кои, како што посочија, до почетокот на денешната расправа не ги добиле од обвинителството.

Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.

Прво и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.

За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.

Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.

Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камчев кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.

Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Главната расправа е закажана за 20 март.

Слични содржини