Судењето за издавањето на пасоши за случајот „Двојник” против тројца обвинети продолжува на 11 мај.
На денешното рочиште уште двајца вработени во МВР, обвинети за нелегално издавање на пасоши на странски државјани признаа вина и добија затворски казни.
Две години и пет месеци затвор и се досудени на Оливера Софрониевска. Според обвинението, таа одобрила издавање на 198 пасоши. Судијката Оља Ристова рече дека казната ја одмерила според отежителните околности, односно дека во конкретниот случај е загрозен интегритетот на системот за издавање на патни исправи, а олеснителни биле нејзината семејна и здравствена состојба, но и дека признала вина.
За истото дело, злоупотреба на службената положба, на обвинетиот Шемседин Јашари му е изречена казна затвор од 1 година и седум месеци. Тој се води како креатор на девет налози за издавање на пасоши. Судијката Ристова меѓудругото во образложението на пресудата рече дека Јашари бил должен како вработен во МВР да влева доверба кај граѓаните.
Според обвинението, тие се сомничат дека во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 биле изадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.